Илјадници мртви: На Филипините се егзекутираат дилери и наркомани без никакви правни процедури

Незаконските и неказнети убиства на Филипините продолжуваат и по три години откако земјата објави војна против дрогата, а властите не покажуваат желба да ги испитаат акциите на полицијата, која наводно ги спроведува ликвидациите, пренесува „Ројтерс“.

„Амнести интернешнл“ во извештај под наслов „Тие само убиваат“ апелира до Советот за човекови права на Обединетите нации да усвои резолуција која би повикала на истрага на Филипините, каде илегалните егзекуции и полициската бруталност, како што се наведува, станале опасно вообичаени.

Гласањето на Советот се очекува во текот на неделава.

Точниот број на жртви во војната против дрогата на претседателот Родриго Дутерте, не може да се утврди, но „Ројтерс“ наведува дека убиени се повеќе илјади луѓе, од кои над 6.000 во операции во кои, според полицијата, осомничените биле вооружени и пружале отпор при апсењето.

Владата во неколку наврати ги отфрли наводите дека полицијата убивала корисници на дрога и дилери и истакна дека семејствата на загинатите, доколку сакаат, може да поднесат тужби против полицијата.

„Амнести“ тврди дека властите намерно кријат податоци и ја дезинформираат јавноста, со цел да се направи невозможно утврдувањето на точниот број на жртви.

Треба да знаете
Последни објави