Поранешниот шеф на Ф1, Берни Еклстоун вели дека би „примил куршум“ за рускиот претседател Владимир Путин, велејќи дека смета дека тој е човекот кој треба да владее со Европа.
Еклстоун беше прв човек во Формула 1 од крајот на 1970-тите до 2017 година, кога беше отстранет од позицијата од новите сопственици, американската компанија „Либерти медија“. Ова не е првпат Еклстоун да покажува почитување кон рускиот претседател, со кого помогна Русија да добие ГП трка во 2014 година.
„Ако некој има автоматска пушка и е подготвен да пука во Путин, јас би застанал пред него. Зошто? Бидејќи тој е добар човек. Никогаш не направил нешто што не е добра работа за луѓето. Би сакал да го видам како ја води Европа. Ние немаме никој таков, така што не би можело да биде полошо. Тој го прави тоа што го кажува. Јас не сум поддржувач на демократијата, потребни ви се диктатори“, вели Еклстоун во интервју за „Тајмс“.
Запрашан што мисли за наводниот обид за атентат над поранешниот руски шпиун Сергеј Скрипал во Велика Британија, Еклстоун беше јасен.
„Путин не го направи тоа. Тој е презафатен да мисли на такви работи. Тоа е измислена приказна“, вели Еклстоун.
Запрашан за својата улога во Ф1, каде што има титула на „почесен претседател“, тој не е лут.
„Тоа значи дека не работам ништо. Но, работам други работи и можеби сум позафатен од времето кога имав работа. Луѓето доаѓаат кај мене со различни проблеми. Но, ми се допаѓа да правам договори. Јас уште сум продавач на стари автомобили“, објаснува Еклстоун.