Денеска ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ ја пушта во употреба новата веб платформа со која сите услуги на претпријатието стануваат достапни и по електронски пат. Следејќи ги глобалните технолошки трендови, а во насока на подобрување на достапноста и олеснување на користењето на паркиралиштата кои се под ингеренции на Општина Центар, ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ целосно се дигитализира, овозможувајќи им на корисниците брзо, лесно и едноставно користење на нивните услуги.
„ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ е првото јавно претпријатие во земјата, воопшто, кое целосно се дигитализира. Отсега граѓаните нема повеќе да мораат да доаѓаат во просториите на претпријатието бидејќи сите услуги ќе им бидат достапни со само еден клик, од било кој уред, на било кое место и во секое време. Дополнително, на новата веб платформа преку чат, граѓаните ќе можат да бидат во постојана, 24-часовна, комуникација со наш вработен и во секое време да ги адресираат своите прашања, жалби, барања и сл. И секако, она што е особено важно да истакнам е дека новата веб страница поседува вградена заштита од неавторизиран пристап кон податоците од посебен интерес, што значи, ги задоволува највисоките стандарди за заштита на податоците на нашите корисници“,изјави Васко Кичевски, Директор на „ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.
Веќе од денеска, сите корисници по креирање на личен профил на веб страницата на ЈП ПОЦ ќе можат по електронски пат да склучуваaт и продолжуваат договор за резиденти и нерезиденти, да извршат електронска наплата за истите и да изберат како опција договорот и/или картичката, во промотивниот период, бесплатно да им бидат испорачани на домашна адреса. Регистрираните корисници ќе добиваат смс и е-маил нотификации како потсетник за истекување на корисничкиот договор, 30, 15 и 1 ден пред истекот на договорот.
Во низата е-услуги преку новата веб платформа, корисниците ќе можат да плаќаат дневна паркинг карта (ДПК), месечен билет и други типови на билети, да вршат проверка на состојба на М-карта со целосен увид на билансот на картата, како и пријавување на гостинска регистарска табличка, проверка на состојбата на гостинските часови и надополнување и наплата на истите преку кредитна картичка, трансфер на пари и/или e-вирман.
„Пред сé би сакал да изразам задоволство од резулататите од истражувањето на јавното мислење за работењето на ЈП ПОЦ на која повеќе од 60% позитивно ја оценија работата на претпријатието. Тоа за нас е доказ дека сме на вистинскиот пат и мотивација повеќе да продолжиме да работиме во интерес на граѓаните. Допполнително, ме радува фактот што високи 75% од испитаниците изразија задоволство од претстојната дигитализација на услугите, што покажува дека граѓаните ги препознаваат придобивките од истата и позитивно ги оценуваат нашите заложби за воведување новини во работењето. Со дигитализацијата на услугите на ЈП ПОЦ сакаме да покажеме дека сме подготвени да одговориме на предизвиците на новото време, да го следиме трендот на дигиталната ера и на граѓаните да им понудиме платформа за брз и едноставен пристап до сите услуги кои ги нуди претпријатието“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Сите рекламации и потребни информации граѓаните ќе можат да ги адресираат преку електронска форма или директно преку веб страната до повикувачкиот центар. Доколку се согласни, сите регистрирани корисници ќе можат да ја изберат опцијата да добиваат известувања во форма на неделен е-маил билтен и на тој начин да се информираат за работата, активностите и новините кои ги нуди претпријатието.
Новата веб страница на ЈП ПОЦ е изградена на напредна платформа за ваков тип на интерактивни и динамични веб страници со прилагодлив дизајн, соодветен за различни уреди – лаптопи, мобилни телефони, таблети. Системот овозможува додавање на неограничен број на корисници и повеќе кориснички пристапи во исто време. Дополнително, преку својот едноставен интерфејс веб страницата нуди брз и едноставен пристап до сите информации од интерес за корисниците: мапа на паркиралишта, зони за паркирање, поединечни услуги и пакети, пајак служба, грижа за корисници и низа други услуги.
Во наредниот период, под слоганот „ПОЦ онлајн – сите услуги со еден клик“, на своите ФБ и Инстаграм страници, ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ ќе ги промовира придобивките од новата веб платформа, а со цел подобра информираност на граѓаните, испечатени се и фалери и постери со сите важни информации.