Француската Влада најави дека ќе воведе еко-такса на сите летови кои ја напуштаат земјата. Таксата ќе изнесува до 18 евра, пишува Индепендент.
Министерката за транспорт Елизабет Борне изјави на прес-конференција дека се очекуваат 180 милиони евра годишен приход од 2020 година, кои понатаму ќе се вложуваат во финансирање на сообраќајни инфраструктури, а најмногу во железницата.
Новата такса ќе изнесува од 1,5 евра за кратки летови, до 18 евра за долги летови во бизнис класата. Оваа такса е воведена како еден од начините за борба против загадувањето на животната средина, бидејќи само пет проценти од луѓето во светот редовно користат авион како превозно средство, а два отсто од штетниот јаглероден диоксид на глобално ниво го произведуваат токму авионите.
Интересно е што научниците утврдиле дека трагата која ја оставаат авионите зад себе на небото има далеку поголеми последици од јаглеродниот диоксид од моторот, бидејќи тие траги всушност ја задржуваат топлината од атмосферата. Научниците сметаат дека тоа е еден од изворите за глобалното затоплување и двојно ќе се зголеми до 2050 година.