Во Заводот и музеј во Битола од синоќа па во наредните седум дена е поставена изложбата „Кина во моите очи“, по повод 70 години од основањето на Народна Република Кина. Заменик-градоначалникот Емилија Костурски пред пристутните истакна дека е голема чест што Битола е домаќин на оваа изложба.
„Битола како мултикултурен град е домаќин на изложбата, преку која секој посетител може да ја доживее Кина на свој, специфичен начин. Задоволство ми е што заеднички прославуваме еден ваков значаен јубилеј“, истакна Костурски.
Пред присутните се обрати и Мао Кингвен, советник во Амбасадата на Народна Република Кина во земјава.
„Кина има инклузивна меѓународна соработка. Затоа Кина цврсто практикува независна и силна надворешна политика и политика на отворени врати кон светот. Освен ова, Кина ја интензивира меѓународната соработка преку иницијативата ‘Еден појас, еден пат’, со цел на реализирање на меѓународни односи базирани на заемна корист и создавање на заедница на човечката судбина“, рече Кингвен.
Настанот, кој го организираа Амбасадата на Народна Република Кина, Општина Битола и Друштвото за македонско-кинеско пријателство и соработка, беше збогатен и со традиционална кинеска храна.