По ратификацијата на протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО што го направија завчера Народното собрание на Република Турција и Парламентот на Чешката Република остануваат уште осум ратификации до полноправното членство во Алијансата.
Ратификацијата на Протоколот во Турција ја потврди на Твитер и шефот на турската делегација во Парламентарното собрание на НАТО Осман Ашкин Бак.
– Големото Народно собрание на Турција го комплетираше ратификацискиот процес на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Како и досега, Турција ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија во евроатлантскиот интегративен процес, напиша Ашкин Бак на Твитер.
Протоколот за членство во НАТО завчера доби зелено светло и во чешкиот Парламент.
– Убедени сме дека пристапувањето на Северна Македонија во НАТО ќе ја зајакне целокупната стабилност и безбедност на Балканот, а во исто време и самата Алијанса, истакна вицепремиерот Јан Хамачек на ратификацијата на Протоколот.
Досега дваесеттина земји членки го ратификуваа Протоколот и дадоа зелено светло за пристапување на нашата земја во НАТО. Се очекува летово тоа да го сторат и САД, а до крајот на годинава и преостанатите земји созјузници со што Северна Македонија и официјално ќе стане 30-та членка на Северноатлантската алијанса.
Премиерот Зоран Заев вчера оцени дека имаме добри шанси на 3 или 4 декември годинава да добиеме одлука за полноправно членство во најмоќниот безбедносен сојуз на светот.
Тој искажа благодарност до Турција и Чешка за ратификацијата на Протоколот за членство и изрази уверување дека до крајот на следната недела се очекува Велика Британија да информира оти ја завршила ратификацијата, како и дека тоа ќе го стори и Шпанија наскоро, откако ќе се формира Влада и парламентарно мнозинство, со што Парламентот во Мадрид ќе може да гласа за Протоколот.
– Веќе сме со ратификуван договор од 21 земја. Тоа се за нас добри пораки заради тоа што во последните пет-шест месеци ратификацијата се движи со повеќе од посакуваното темпо. Остануваат уште осум земји, верувам дека оваа или до крајот на следната недела Британија ќе не информира дека е истечен рокот од 21 ден и таму ратификацијата е завршена, со што ќе бидат 22. Се надеваме дека Шпанија бргу ќе формира влада и парламентарно мнозинство за да може да гласа, а другите земји веќе не информираа за процедурите и протоколите, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања при вчерашната посета на археолошкиот локалитет Стоби.
Заев додаде дека министерот за надворешни работи Никола Димитров во скоро време ќе информира за процедурите и постапките во останатите држави каде што се очекува да се случи ратификацијата и оцени дека имаме добри шанси на 3 или 4 декември да добиеме одлука за полноправно членство за НАТО.