Исмаили на Охридско лето: Ова место светилник на духовноста, на божествениот еликсир што културата и уметноста го нудат

Во Античкиот театар во Охрид беше отворено 59. издание на најзначајната музичко-сценска манифестација во земјава, фестивалот „Охридско лето“.

Илјадната публика, гостите и уметниците, политичкиот врв на земјата ги поздрави министерот за култура Хусни Исмаили кој подвлече дека на Античкиот театар уште пред два милениуми се ширела уметноста и додаде дека денешните уметници се исправени пред нови предизвици на современото време, но дека гордо ги продолжуваат традициите, ги кршат табуата, ги надминуваат предрасудите, и на најуниверзалниот јазик на човештвото извикуваат – „уметноста е слобода“.

„Тие и оваа година ќе ги вкрстат своите концепти кои можеби ќе предизвикаат полемики, но, секако, ќе отворат нов светоглед, и одново ќе донесат свежина во нашиот Охрид, кој е секогаш добар и достоинствен домаќин и кој постојано нѐ потсетува оти е ова место светилник на духовноста, на божествениот еликсир што културата и уметноста го нудат“, рече министерот Исмаили.

Зборувајќи за значењето на „Охридското лето“ министерот Исмаили подвлече дека овој фестивал има голема улога и за афирмацијата на македонската култура во светот  и за европските перспективи на земјата, па додаде:„ Дозволете ми уште еднаш да ја искажам мојата длабока верба и посветеност во негувањето и остварувањето на европските приоритети важни за културниот контекст на земјава. Меѓу нив е, секако, една од најевропските современи икони на Северна Македонија – Охридско лето, кое достојно и силно се бори со современите предизвици држејќи чекор на вистински современ авторитет во културата на земјава“.

Фестивалот за отворен го прогласи покровителот, Претседателот на државата Стево Пендаровски. Тој зборуваше за уметноста како за татковина во која има место за секого – и за ранливите, и за исклучените и за обесправените. „Таа татковина ја градат луѓе кои веруваат во моќта на убавината, да поврзува наместо да разделува“, рече Пендаровски.

Претседателот посочи дека како држава ќе направиме сè што е во нашата моќ да го зачуваме статусот на Охрид како град на УНЕСКО, и додаде:„ Да правиме простор за другите во самите нас и да се стремиме кон вистинско граѓанско помирување преку правда и простување. Градејќи едно општество за сите, да се сетиме дека ние си припаѓаме едни на други и заедно му припаѓаме на поширокиот европски културен и цивилизациски простор.“

Традиционалната уметничка порака годинава ја сподели истакнатиот македонски режисер со европско реноме, Александар Поповски кој е селектор на драмската програма на фестивалот. Емотивното  обраќање на Поповски беше писмо до големиот, неодамна починат македонски драматург Горан Стефановски. Тој цитираше делови од  „Тетовирани души„ и од „Лет во место“, и меѓу другото порача:„Постојат светови и луѓе кои не се она за што медиумите известуваат. За тие светови да останат запишани треба да го славиме уметникот, да го пазиме кога ќе падне, да внимаваме да  не му биде прекомотно, ама да не го примораме да стане естрадна звезда за да може да одговара на економските параметри на ова време. Уметноста има правила кои не се дел од ексел табелите. Уметноста не смееме да ја нарачуваме како песна во кафана. Треба да и го дадеме сиот простор кој и е потребен за да може самата да каже што чувствува. И тогаш ќе можеме да се видиме и препознаеме. И тогаш ќе останеме запишани во времето“.

Годинешното „Охридско лето“ се отвори со спектакуларниот концерт на мегапопуларната британска ѕвезда, виолинистката Ванеса Меј, со Македонската филхармонија и со уметници од Националната опера и балет.

На фестивалот кој традиционално  трае до 20 август ќе настапат реномирани музичари од Италија, Австрија, Русија, Бугарија, Германија, Чешка, Словенија, Албанија, Норвешка, Хрватска, Франција, Србија, Косово, Финска,  а во драмскиот дел, кој ќе има посебен осврт на творештвото на Горан Стефановски, ќе има продукции од Словенија, Хрватска, Казахстан, Турција, Португалија, Србија, како и домашни претстави.

 

Треба да знаете
Последни објави