Претседателот на Атлетико Мадрид, Енрике Серезо, ги коментираше најавите за напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо. Според него, трансферот на 37-годишниот Португалец во овој клуб е невозможен.
„Не знам кој ја измисли оваа приказна за Роналдо и Атлетико. Ова дефинитивно не е вистина. Речиси е невозможно Роналдо да се пресели во Атлетико“, изјави Серезо за „Partidazocope“.
Агентот Жорге Мендеш инсистира на трансфер на напаѓачот во Атлетико Мадрид.
Минатата сезона португалската ѕвезда постигна 24 гола и забележа три асистенции на 39 натпревари за Манчестер Јунајтед во сите натпреварувања.
Договорот на напаѓачот со клубот е до 30 јуни 2023 година, а тој вчера се врати на „Олд Трафорд“ да разговара со раководните луѓе и со менаџерот Ерик тен Хаг за својата иднина.