Имаме одличен резултат, но Динамо и натаму е фаворит, истакна денеска тренерот на македонскиот првак Шкупи, Гоце Седлоски, пред утрешниот реванш во Скопје во рамки на 2. квалификациско коло во Лигата на шампиони.
– Сè е отворено. Ние мораме да ги отстраниме грешките од првиот натпревар. Ќе бидеме подготвени на сè, па ќе видиме колку противникот ќе ни дозволи. Им реков на играчите по првиот натпревар дека одигравме добро и оти сè е можно ако во реваншот ќе извршуваат задачите кои ќе им ги поставам, изјави Седлоски на денешната прес-конференција.
Стратегот на Шкупи ги повика навивачите, но и сите љубители на-фудбалот во главниот град да ја исполнат утревечер од 21 часот Националната арена „Тодор Проески” и заедно да испишат историја.
– Веруваме во историска победа и пласман, но за тоа да го оствариме ќе ни биде потребна поддршка од јавноста и нашите навивачи, кои се 12. играч, порача Седлоски.
Првиот натпревар пред една недела во Загреб заврши нерешено 2-2, а поуспешниот од пресметката меѓу Шкупи и Динамо во 3. квалификациско коло во Лигата на шампиони ќе игра против победникот од дуелот меѓу Лудогорец и Шамрок.