Жителите добро препознаваат едно куче во Грција кое веќе година и пол стои на патот во близина на Нафпактос, токму таму каде во сообраќајна несреќа починал неговиот газда.
Сопственикот се викал Харис, имал 40 години и трагично загинал откако го удрила мешалка за цемент. Иако куќата во која живеел со кучето е оддалечена околу 12 километри од местото на несреќата, кучето точно знаело каде се случил трагичниот инцидент и не сака да се помести од таа локација.
Неколку локални жители се обиделе да го вдомат осаменото куче, но тоа постојано се враќало. Со текот на времето, тие се откажале од обидите, но му направиле куќичка на тоа место во близина на улицата и редовно му носарт храна и вода. Кучето не се трга од таа локација дури ни кога се пеколни жештини, туку тогаш само се крие во околните грмушки, пишува „24сата.хр“.
Многумина од милост кучето го нарекуваат „грчкиот Хачико“ по познатото куче во Јапонија кое со години стоело пред железничка станица во Токио, чекајќи го својот газда, откако тој починал на работа од мозочен удар. Кучето имало навика да го следи сопственикот до станицата секое утро и да го чека кога ќе се врати. Сепак, еден ден тој не се вратил, а кучето долги години останало на станицата.