Генерал Ѓурчиновски во посета на Хрватска

Началникот на генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска во Загреб се сретна со хрватскиот министер за одбрана Дамир Крстичевиќ и со неговиот домаќин, началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Хрватска (ОСРХ), генерал Мирко Шундов.

Како што соопшти Канцеларијата за односи со јавноста на Генералштабот на македонската Армија, по пречекот со високи воени почести, Ѓурчиновски прво во Министерството за одбрана имал средба со министерот Крстичевиќ, на која се разговарало за меѓусебната соработка и можностите за нејзино продолжување и проширување, како и за заедничките безбедносни предизвици.

Ѓурчиновски покрај изразената благодарност до Хрватска, која меѓу првите земји го ратификуваше протоколот за нашето пристапување во Алијансата, како 30-та полноправна членка, истакнал дека посетата претставува можност за збогатување на меѓусебната соработка, преку споделување на хрватските искуствата од програмите на НАТО за соработка. Крстичевиќ, од своја страна, истакнал дека полноправното членство на земјава во НАТО позитивно ќе влијае на севкупната стабилност на Југоисточна Европа, притоа напоменувајќи дека придонесот кој двете пријателски држави и армии го даваат кон Алијансата трае со години наназад, особено преку учеството во мировните мисии „Одлучна Поддршка” и иницијативата „А5″.

На средбата помеѓу генералите Ѓурчиновски и Шундов била истакната билатералната воена соработка на полето на заедничката обука и вежби, особено во областа на специјалните и воздухопловните сили.

За време на денешниот престој во Загреб, пред македонската армиска делегација е презентирана воената опрема и вооружување на ОСРХ, а во текот на денот делегацијата ќе го посети и центарот за меѓународни воени операции во Ракитје и фабриката „ХС производство” во Карловац.

Македонско-хрватската соработка на полето на одбраната во изминативе години се одвива пред се на полето на воената едукација на наши припадници на воено образовните институции во Хрватска, како и учество на заеднички воени вежби и обука.

Треба да знаете
Последни објави