Во земјава правниот систем не ги препознава новите облици на вработување кои се проследени со нови начини на извршување на работните задачи, ниту овозможува нивна примена. Договорите за вработување кои овозможуваат одредена флексибилност за работниците и работодавачите не се секогаш јасно, прецизно уредени во практиката и затоа се избегнува нивна примена, пред се заради правната несигурност која ја имаат работодавачите. Иако не се законски уредени определени облици на вработување неформално се применуваат од страна на работодавачите и работниците.
Ова денеска го истакна Кристијан Трајковски, истражувач од Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) презентирајќи ги наодите добиени од истражувањето на репрезентативен примерок на работната сила од 1.089 испитаници од земјава што го спроведе ЦИКП во рамки на проектот „Прилагодување на индустриските односи кон новите облици на работа”.
Повеќе од 29 проценти од испитаниците, како што рече Трајковски, сметаат дека Законот за работните односи е рестриктивен, а слично е мислењето и во однос на даночните закони, односно 26 проценти сметаат дека даночните закони се рестриктивни во однос на обликот на работа.
Според истражувањето, лицата во земјава се најчесто вработени на неопределено време, односно речиси 71 процент од вработените лица имаат склучено договор за вработување на неопределено време, додека 20 проценти имаат договор на определено време.
Најголемиот дел од испитаниците, 58,2 посто работат во приватниот сектор, 31 процент во јавниот сектор, останатите работат во организација или компанија со јавно приватно партнерство, како и граѓанскиот сектор со 1,9 проценти.
Вкупно 89,9 проценти од работниците вообичаено или воопшто не го менуваат своето работно место, додека речиси осум проценти, често или многу често го менуваат.
– За граѓаните изучувањето на странски јазик се смета како способност која им е потребна за да најдат добра работа, односно работа со која се покриваат сите задолжителни придонеси, стандардно вработување каде работникот е заштитен и неговите права не се експлоатирани. Покрај странскиот јазик граѓаните сметаат дека им се потребни комуникациски вештини за да најдат добра работа, но висок е процентот и на оние испитаници кои сметаат дека им се потребни ИКТ вештини односно познавање на новите технологии со цел да најдат добра работа односно да се вработат на место каде што сакаат, потенцира Трајковски.
Препораките на ЦИКП се дека новите облици на вработување треба да бидат дизајнирани на начин што ќе придонесе сигурност и заштита на работниците, истовремено овозможувајќи флексибилност која им е потребна на работодавачите особено во услови на лоши економски состојби. Овие нови облици, како што рече Трајковски, треба да бидат дефинирани и уредени на начин што ќе биде разбирлив за работодавачите, работниците и нивните претставници, но евидентно е дека честата промена на правната рамка во однос на овие прашања предизвикува конфузија и чувство на несигурност кај целните групи.