Во извештај на Парламентарното собрание на НАТО, случајно се појавија информации за точните локации на кои во Европа се складира американското нуклеарно оружје, објави „Вашингтон пост“.
Според информациите на весникот, овој извештај бил објавен во април под името „Нова ера во нуклеарното задржување“, меѓутоа веднаш по излегувањето во јавност, документот бил избришан, бидејќи во него е напишано каде точно се лоцирани околу 150 нуклеарни боеви глави во Европа.
Во документот се наведени шест локации односно шест воени бази: Клајн Брогел во Белгија, Буел во Германија, Авиано и Геди-Торе во Италија, Вокел во Холандија и Инџирлик во Турција.
Американскиот весник исто така додава дека минатата недела била објавена финалната верзија на извештајот, но овојпат без локациите на американските нуклеарни проектили, пренесува „Спутник“.
Авторот на овој извештај и покрај обвинувањата за објавување на доверливи информации, рече дека сите информации содржани во документот се собрани од јавни извори.
Меѓутоа, неименуван извор на НАТО, вели дека ваков вид на информации не постојат во официјални документи на Алијансата.