Одлуката на официјален Вашингтон да ја исфрли Турција од програмата на ловечките авиони „Ф-35“ е против духот на НАТО, оцени денеска турското министерство за надворешни работи, повикувајќи ја Алијансата да ја поништи својата одлука.
„Овој едностран чекор се коси со духот на Алијансата и не се темели на никакво легитимно оправдување. Не само што не е фер Турција да биде исфрлена од програмата во којашто е партнер, туку и тврдењето дека ‘С-400’ ќе го ослабне ‘Ф-35’ е неточно“, се наведува во соопштението на министерството, пренесе „АП“.
Турција минатата недела почна да добива делови од рускиот ракетен систем за одбрана „С-400“, што доведе до одлуката на официјален Вашингтон, Турција да биде суспендирана од програмата на ловечките авиони „Ф-35“.
Турција не се откажа од „С-400“, а турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган изјави дека системот ќе биде целосно воведен во април следната година.