Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на Дирекцијата на ТИР зоните, Александар Младеновски, денеска со свои обраќања го означија почетокот на градба на новата фабрика на компанијата „Балканлар Пластик“, со производство во Скопје ТИРЗ 1. На настанот свое обраќање имаше и менаџерот на компанијата, Ерен Чалишир.
„Денеска сме овде за убав повод, за нешто што не радува сите. Изградба на нова фабрика е радост за сите заради тоа што ќе се отворат нови работни места за младите луѓе, за нашите граѓани, ќе се зголемува БДП, а ќе учествува и во извозните компоненти на државата. Сето тоа значи зајакнување на економскиот стандард на граѓаните“, рече премиерот Заев во своето обраќање.
Премиерот Заев образложи дека инвестицијата ќе биде во висина од 8 до 10 милиони евра и во прва фаза ќе има 80 нови вработувања со цел да достигнат 300 нови работни места во последната фаза.
„Оваа инвестиција доаѓа од земја којашто е еден од најголемите пријатели на Република Северна Македонија, а тоа е Република Турција. Сакам да ја искористам приликата да се заблагодарам на турскиот народ за ратификацијата на Протоколот за наше членство во НАТО кое пред неколку дена се случи. До сега имаме 21 ратификација со што станува извесно дека во декември Република Северна Македонија ќе стане членка на НАТО. Тоа истовремено значи мотивација и дополнителна позитивна провокација да привлечеме уште многу нови инвестиции меѓу кои и инвестиции од Турција“, истакна премиерот Заев.
Премиерот посочи дека има евидентен пораст на странските директни инвестиции. Гринфилд инвестициите пораснале за 200 проценти за периодот јуни 2018 до мај 2019 во споредба со истиот период претходно што е нотирано во Извештајот на ФДИ Маркетс, специјален сервис на Фајненшал Тајмс.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев подвлече дека производствениот погон на „Балканлар Пластик“ е еден од триесетината инвестициски проекти кои во моментов се реализираат во Република Северна Македонија, а преку кои се реализираат плановите на Владата за силна индустријализација на земјата и се креираат услови за побрз и одржлив раст на економијата.
„Република Турција е еден од најдобрите економски партнери на Република Северна Македонија, минатата година од оваа земја забалежани се директни инвестиции во вредност од 36,2 милиони евра, а само во првиот квартал на 2019 година, забележани се инвестиции од Турција во вредност од 16,3 милиони евра. Тоа значи дека инвестициите од Турција покажуваат тенденција на раст, со што очекуваме директните инвестиции од Република Турција оваа година да ги надминат ланските вредности. Инвестицијата на „Балканлар Пластик“ се очекува да биде околу 7 милиони евра, каде ќе се вработат околу 300 лица, а важно е што имаат планови да се развиваат и понатаму и да го шират производството во нашата земја. Владата ќе ги поддржува сите инвеститори, странски и домашни, да реализираат нови инвестции, затоа што само преку индустријализација на државата може да обезбедиме одржлив раст на економијата на подолг рок. Да извезуваме производи, а не луѓе од државата“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.
Министерот за економија, Крешник Бектеши посочи дека Бунарџиќ се менува во позитвна смисла на зборот, се градат нови фабрики и има постојан влез на нови странски директни инвестиции.
„Би сакал да напоменам дека создадовме сосема нова политика за привлекување на странски инвестиции сé со цел да обезбедиме нови работни места, а со тоа да придонесеме и на економскиот раст на нашата држава.Освен поддршката што ја дава Владата на Република Северна Македонија, претприемачите се запознаени дека како предуслов истовремено е и политичката стабилност, но и владеењето на правото.
На овој настан доаѓам директно од Светската трговска организација, каде уште еднаш се потврди дека оваа Влада работи вредно и напорно за да создаде стабилност и владеење на правото, сé со цел привлекување на поголем број странски инвестиции, но исто така потребно е да ја подобруваме трговската политика, не само за странските инвеститори, туку и за домашните. Оваа прилика ја користам да ги повикам домашнитеи странските компании да ја користат можноста, со оглед на тоа што се објавени Правилниците кои произлегуваат од Законот за финансиска поддршка и истовремено да аплицираат, да ги зголемат нивните капацитети, а со тоа да креираат и нови работни места“, рече министерот Бектеши.
Директорот на Дирекцијата на ТИР зоните, Александар Младеновски посака успешна и навремена изградба на новата фабрика, која ќе произведува пластична амбалажа за повеќе индустрии и ќе отвори нови работни места за младите, и со тоа успешно ќе придонесува во севкупниот економски раст и развој.
Менаџерот на „Балканлар Пластик“, Ерен Чалишир се заблагодари на добрата соработка со иснтитуциите и Дирекцијата на ТИР зоните во реализацијата на инвестицискиот проект на компанијата и рече дека оваа нова фабрика ќе донесе нова вредност во економскиот развој на земјата.