Потребата од натамошно продлабочување на соработката помеѓу Македонија и Албанија во областа на културата, беше во фокусот на средбата што денеска ја остварија министерот за култура Хусни Исмаили и албанскиот амбасадор во нашата земја, Фатос Река.
На средбата било заклучено дека со цел продлабочување на соработката во сите сфери на културата меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, во тек е и постапката за отворање културно-информативни центри во двете држави, со седишта во Скопје и во Тирана.
Инаку, на средбата, Исмаили и Река ја оценија како успешна досегашната соработка помеѓу двете земји и истакнаа дека во согласност со Програмата за културна соработка меѓу министерствата, досега се реализирани многубројни активности во областа на културата, и тоа во музичко-сценската, драмската, литературната и издавачката дејност.
Исмаили истакна дека традиционално албанските поети и писатели учествуваат на книжевните манифестации во Македонија, како што се Струшките вечери на поезијата, а од особено значење е и фактот што мината година нашата земја за првпат се претстави на Интернационалниот саем на книгата во Тирана, кој постои веќе 20 години и е еден од најважните настани во контекст на промоцијата на албанската книжевност и култура.
Тој додаде дека Министерството за култура традиционално и годинава ја поддржа реализацијата на манифестацијата „Македонско културно лето“ во Мала Преспа, а е планирано Албанскиот театар, во рамките на својата балканска турнеја, да гостува и на фестивали во Албанија.
Инаку, значителна е соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и на мултилатерален план, преку долгорочниот проект „Прекуграничен биосферен резерват Охрид-Преспа“ и вклученоста во заедничката иницијатива на УНЕСКО и ЕУ – „Кон зајакнатo управување со заедничкото прекугранично природно и културно наследство на Охридскиот Регион“.