Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, потпиша укази за разрешувања, поставувања и отповикувања во Армијата на Република Северна Македонија. Претседателот Пендаровски постапи по одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата, која утврдила дека поранешниот претседател на државата, Ѓорге Иванов, со донесените укази за поставувања во Армијата на 25 февруари 2019 година, за време на изборниот период сторил дејствија што се забранети за време на изборниот процес и со тоа ја прекршил одредбата од членот 8-а, став 1, алинеја 2 од Изборниот законик и одредбата од членот 34 став 1 алинеја 2 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Согласно новите укази:
- Бригадниот генерал Јордев Драган Орце, со указ се разрешува и се поставува за заменик на командантот на Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.
- Бригадниот генерал Ѓоргоски Тито Мирче е отповикан од воен претставник на Република Северна Македонија при НАТО во Брисел, Кралство Белгија.
- Разрешен е полковник Ковачки Ѓорѓи Драган од командант на 1. Механизирана пешадиска бригада во Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.
- Полковник Емини Сабедин Бесник е разрешен од началник на штаб во Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија и се поставува за командант на 1.Механизирана пешадиска бригада во Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.
- Полковник Јуришиќ Мирослав Маријо со указ се отповикува и се поставува за одбранбено аташе на Република Северна Македонија во Париз, Република Франција.
- Началникот на Генералштабот, Васко Ѓурчиновски, со указ од 25 февруари 2019 година беше унапреден од чин генерал-мајор во чин генерал-потполковник. Во Законот за одбрана нема законски основ за одземање на чин, освен доколку носителот на чинот е лично одговорен за определени противзаконски дејствија, како што се кривично дело или тешка дисциплинска повреда.