Во Домот на културата „Наум Наумоски Борче” во Крушево вечер ќе биде отворен фестивалот П.С. „Гитарфест” што го организира Здружението „Арт Кул” и е со поддршка на крушевската локална самоуправа, на Министерството за култура и повеќе спонзори. Фестивалот ќе трае до 20 јули.
Во рамки на Фестивалот ќе настапат Васко Пиличев и Таќи Дробаров. Утревечер од 20 часот во Спомен-куќата на Тодор Проески ќе настапи Бојан Ивановски, а в сабота од 20.30 часот во градскиот парк во концерт ќе одржи Владимир Четкар.
За градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски овој настан е уште еден доказ дека Крушево ги негува своите вредности и делото на крушевчани.
– Имаме многу настани летово, еден од нив е и П.С „Гитар-фестивалот” во чест на Христо Христоски Мулар. Ги негуваме вистинските вредности на нашето Крушево и истовремено нудиме богата програма за граѓаните и посетителите, вели Христоски.