Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ му вети на Австралиецот Ник Кирјос дека ќе го испочитува договорот и ќе го чести вечера како што двајцата се договорија пред финалето на грен – слем турнирот во Вимблдон. Кирјос вчера преку социјалните мрежи го потсети Ѓоковиќ на договорот, а освојувачот на Вимблдон одговори дека планира да плати вечера во Њујорк.
– Каде е мојата вечера?, напиша Кирјос на што уследи одговор од Ѓоковиќ.
– Извини, другар. Им ѕвонев на сите ресторани во Лондон во неделата вечер и немаше слободни столчиња. Плаќам вечера во Њујорк, напиша Ѓоковиќ, кој во неделата триумфираше во Вимблдон, совладувајќи го Кирјос во финалето со 3-1 во сетови.