Нотр Дам и натаму е под ризик од рушење, внатрешноста на катедралата е полна со шут

Три месеци откако пожар ја уништи катедралата Нотр Дам во Париз, при влез во разрушената црква и натаму погледот најпрво го привлекува шутот кој се наоѓа во централниот дел на објектот.

Во средата, новинарите добија уникатна можност да присуствуваат на обиколката низ внатрешноста на Богородичната црква стара 850 години. Пред само три месеци, катедралата беше исполнета со верници и туристи кои ги разгледуваа готската архитектура и познатите витражи, кои и по пожарот во голем дел останаа неоштетени.

Во средата, наместо многу посетители, можеле да се забележат само неколку десетици професионални работници во бела заштитна опрема, шлемови и маски кои работат на обезбедување на структурата на објектот.

Реставрацијата, која сè уште не започнала, ќе опфаќа замена на покривот, кој во голем дел е уништен од пожарот, како и изградба на паднатата кула. Меѓутоа, пред започнување на реновирањето, катедралата мора да се осигура така што ниту еден нејзин дел нема да биде изложен на ризик од колапс, првенствено сводот.

„Не сме ни блиску до фазата за реконструкција. И натаму работиме на обезбедување на структурата на катедралата“, вели главниот архитект за Нотр Дам, Филипe Вилануева. Ризикот од пад и натаму е висок, бидејќи во некои делови се користат само машини со далечинскo управување.

Париското обвинителство во јуни соопшти дека неизгасната цигара или електричен дефект е можна причина за пожарот, по што отворена е истрага за кривично дело од небрежност, без осомничени лица.

На 15 јуни, два месеца по пожарот, свештениците ја одржаа првата миса во катедралата со заштитни шлемови.

Треба да знаете
Последни објави