Сеад Кочан го закопа успешниот бизнис – Сега се подготвува за „зад решетки“
Сеад Кочан или „Сеад Ибица“ како што го нарекуваше поранешниот премир Никола Груевски во бомбите на СЈО e сопственик на градежната компанија „Трансмет ДОО“. Тој веќе неколку години се бори со обвинението за манипулации за добивање тендер во 2011 година вреден над 17,2 милиони евра. Според обвинението, тендерот го добил од компанијата ЕЛЕМ со прикажување на лажна документација. Во судските органи предметот се води под името „Труст“, анализира Центар.мк.
Покрај бизнисот со градење Кочан појави медиумски амбиции и како еден од тројцата сопственици ја отвори „Телевизија Нова“ медиум далеку понапред во поглед на современото технолошко опремување вредно неколку милиони евра. Па така, според експертската јавност Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ добија силна медиумска поддршка. За блискоста меѓу Кочан и Груевски се чу во бомбите каде поранешниот премиер неколку пати го спомна Кочан како „лицето што вози сеат“. По судските одлуки телевизијата отиде под стечај кој го поднесоа 43 поранешни вработени поради неисплатени плати и придонеси, а на листата на доверители се новинари, сниматели и монтажери.
Во 2017 година судот му одреди мерка притвор за Сеад Кочан. Но тој избега. Адвокатот Никола Додовски истиот кој го застапува и Никола Груевски, тврдеше дека заминал на службен пат. Елитното име во градежништвото се криеше повеќе од два месеца, се бараше со потерница, а се врати веднаш откога Јово Вангеловски како претседател на Врховниот суд направи преседан и го ослободи од притвор пред да се одлучува по жалбата на Кочан. Откога се врати Кочан понуди гаранција од милион евра дека ќе остане во земјата.
Во меѓувреме Специјалното јавно обвинителство го замрзна сиот имот во сопственост на Трансмет меѓу кои пасишта, лозја, ниви, градежни земјишта, бензиски пумпи, до станови од кој едниот е во познатата зграда спроти МВР. На име на „Трансмет“ е и трговскиот центар „Емпорио“ во Ѓорче Петров, во кој има супермаркет, ресторани, кафулиња. Сиот овој имот СЈО го замрзна вклучително и три сметки на компанијата како гаранција дека ќе може да си ја надомести евентуално направената штета или да го одземе противправно стекнатиот имот доколку дојде до судење и осудителна пресуда.
Инаку, Кочан во јавноста важи за бизнисмен близок на ВМРО ДПМНЕ, а компанијата „Трансмет“ доминираше во зделките со оваа партија. „Трансмет“ стана позната по тоа што беше вклучена во поголемиот дел од државните тендери преку добивањето јавни набавки низ целата земја за градење на разни објекти, патишта и плоштади. Нејзиното име се сретнува во реконструкцијата на барокните фасади на неколку институции, во изградбата на новата фонтана на плоштадот во Скопје, изградба на втората делница од трасата Кичево-Охрид и третата фаза од проширување на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов. Според податоците од Бирото за јавни набавки, најкрупните тендери биле со РЕК Битола, односно за четири години, „Трансмет“ на Кочан кеширала околу 55 милиони евра од два тендера со РЕК Битола. Оваа компанија се јавува и во неколку зделки за чистење на канали, заедно со компанијата „Силекс неметали“, санација на брани и изградба на пристапни патишата. Компанијата беше обвинета од СДСМ дека само во 2014 и во 2015 година, компанијата „Трансмет“, добила 4 милиони евра за изградба на пристапен пат за браната „Речани“ на Оризарска Река, Кочани, и за санација на браната Пишица во Пробиштип, за потребите на Управата за водостопанство од Платежната агенција добила 700.000 евра за чистење на канали за одводнување и наводнување.
За случајот „Труст“ во јули 2018 година падна и првата пресуда за стореното дело. Кочан доби 6 годишна затворска казна и да ја врати сумата од 17,2 милиони евра што ја заработил од спорниот тендер со „Електрани на Македонија“. Исто така треба да плати казна од два милиони денари, а во наредните три години не смее да учествува на тендери, да склучува договори за јавни набавки или да влегува во јавно-приватно партнерство. Потоа Кочан се пожали на нарушената здравствена состојба, а по жалбата во март годинава Апелациониот суд казната ја намали на 4 години и 8 месеци.
Затворската казна требаше да почне да ја издржува на 17 јули овој месец, но со оглед на тоа дека поднесол барање за одложување. Неговиот имот пак ќе биде во сопственост на државата. Во тек е процесот на одземање на имотот на фирмата „Трансмет“. Агенцијата за управување со одземен имот веќе постапува по пресудата за конфискација на вкупниот имотот вреден речиси 19 милиони евра, како што гласи судската пресуда. Досега одземени се 23 имоти и 204 возила на „Трансмет“.
Сеад Кочан го закопа успешниот бизнис. Сега чека одлука од судијата за извршување санкции кога и дали неговата затворска казна ќе биде одложена поради болест.