Верстапен на пол-позиција за утрешниот спринт на ГН на Австрија

Светскиот првак Макс Верстапен ќе тргне од пол-позицијата на утрешниот сптинт за Големата награда на Австрија во пресрет на неделното гранпри кое ќе се води за „Ред Бул Ринг“.

Верстапен беше најбрз на денешните квалификации и ја освои пол-позицијата пред двоецот на Ферари, Шарл Леклер и Карлос Сајнц, кој триумфираше на последното гранпри во Силверстоун.

„Ова беа навистина тесни квалификации и среќен сум за пол-позицијата. Највозбудливо е што повторно може да ги видиме навивачите на оваа патека“, рече Верстапен после квалификациите.

Финалната квалификациска рунда мина во знакот на фијаското на Мерцедес, откако најпрвин Луис Хамилтон, а потоа и Расел, излетаа од патеката, оштетувајќи ги своите болиди. Поради ова следеа паузи од по неколку минути, за кога конечно се стигна до завршницата од квалификациите да следи вистинската драма – Леклер оствари подобро време од она што до тој момент го имаше Верстапен, но асот на Ред Бул беше најбрз во својот последен „летечки круг“ и на воодушевувањето на домашните фанови стигна до пол-позицијата.

Квалификациските спринтерски трки се одржуваат од 2021 година, а од 2022 година бодувањето е следно – оној што ќе триумфира и ќе ја освои пол-позицијата, во главната трка освојува осум бода, второпласираниот седум и така натаму до осмиот, кој ќе добие еден бод.

Во генералниот пласман прв е Макс Верстапен со 181 бод, неговиот тимски колега Серхио Перез има 147, а на третата позиција е Шарл Леклер со 138 бода.

Треба да знаете
Последни објави