Стотина граѓани се собраа денеска на протест пред Поликлиниката „Јане Сандански“ по повод одлуката на Министерството за здравство, пациентите кои се вклучени во Програмата за третман и превенција на зависности, метадонската терапија да ја примаат во оваа здрвствена установа.
Протестот беше организиран од „Граѓанската иницијатива-Гласот на Аеродром“, а меѓу присутните беше и поранешниот градоначалник на Општина Аеродром, Ивица Коневски.
Повеќе од стотина граѓани, главно жители на зградите околу Поликлиниката, мирно го изразија својот револт од одлуката на МЗ, а со нив имаше и деца, поради кои најмногу се одлучиле на протест. Тие сметаат дека е недозволиво зависници да примаат терапијаа во оваа болница во чија непосредна близина има две градинки, како и училиште.
Дел од нив сведочат и дека и сега во дворовите на градинките наоѓаат игли и шприцови од зависници.
Министерството за здравство пред неколку дена донесе одлука за дисперзија на Програмата за третман и превенција на зависности од Дневниот центар во Кисела Вода во поликлиниките во Аеродром, Ченто како и болницата во Бардовци.