Ракометната репрезентација на Египет со 26:22 (13:9) го совлада Бахреин за да ја забележи петтата победа во пет меча на Светското првенство во Полска и Шведска, за да го запечати своето место во четврт-финалето и во исто време да ја донесе Хрватска на работ од елиминација во групата 4.
Хрватите сега за четврт-финале треба да сигнат до победи над Белгија и Бахреин, што можеби е остварлива цел, но потребно им е и Данска да загуби од Египет во последното коло (или уште поневеројатно да загуби денеска од САД). Покрај тоа, во оваа теоретска ситуација, Хрватите ќе мораат да ја подобрат и гол-разликата – Данска има +30, а Хрватска +9.
Во третата група пак, Србија со 28:22 ја совлада Аргентина, во дуел на две репрезентции кои реално немаат шанси за четврт-финале.
Аргентина покажа дека нема да биде лесен противник за Србија, па по почетното водство од 3-2 следеше пресврт на нашите соседи кои за момент стигнаа до 7-5. Потоа следеше пад во нивната игра, а грешките ги казнија нивните ривали кои се вратија во водство (10-9). Србите, сепак успеаа да се соземат во завршните минути и на паузата заминаа со 12-10.
Србија имаше одличен почеток на вториот дел кога стигна на плус пет (15-10) и тука всушност ја создаде предноста која беше недостижна за Аргентина до крајот на натпревар (28-22).
Радивојевиќ беше најефикасен во победничката екипа со шест голови, додека на спротивната страна Ломбарди постигна девет погодоци.
Србија може да се пласирa во четвртфиналето, но треба да триумфираат и да се надеваат на порази на Германците во следните два меча со Холандија и Норвешка.