Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, денес оствари средба со амбасадорот Стефан Дион, специјален пратеник на Премиерот на Канада за Европска Унија и Европа.
Фокусот на разговорите беше ставен врз македонското членство во НАТО и ЕУ. Во тој контекст, министерот Димитров се заблагодари за цврстата и континуирана поддршка на Канада за остварување на нашите стратешки приоритети, како и за брзото ратификување на Пристапниот протокол за членство на државата во НАТО. Министерот Димитров го информираше соговорникот за реформскиот контекст во кој се наоѓа државата и очекувањата за одлука за почеток на пристапни преговори со ЕУ во октомври: „Северна Македонија и Канада ги споделуваат либерал-демократските вредности, мултилатерализмот и функционалниот мултикултурализам”, истакна Димитров.
Високиот канадски претставник ја реафирмираше поддршката од страна на Канада, согласно Декларацијата за соработка и стратешко партнерство меѓу двете земји. Тој нагласи: „Тука сум затоа што сметам дека не треба да се занимаваме само со проблеми, туку и со држави кои одат во правилната насока, а Северна Македонија е позитивен пример токму во оваа смисла.”
На средбата, соговорниците ги разгледаа и билатерални односи, оценувајќи ги како блиски и пријателски, како и начинот за нивно натамошно продлабочување, како на билатерален, така и во рамките на мултилатералните механизми за соработка.
Се разговараше и за актуелните случувања во регионот на Југо-источна Европа.