Во април ќе има предвремени избори, а од јануари предизборна влада во која МВР ќе го има ВМРО-ДПМНЕ, пишува новинарот Драган Павловиќ Латас во последната колумна во Вечер.
-Работите со враќање на состојбите во уставни рамки, засега со правосудниот систем, се тргнати и нема назад. СЈО, неуставна категорија, падна на човечки фактор откако ја заврши својата намена. СЈО е производ на незаконско прислушкување и улична политика за насилно поставување на една власт која ниту имала победа на избори, ниту има капацитет да владее, ниту носела одлуки согласно уставот, законот и интересите на Македонците. СЈО беше само алатка на СДСМ и Зоран Заев за легализација на незаконско преземање власт и уште по незаконско владеење, пишува Латас.
Според него, кога проектот заврши Заев и неговите, како што вели „Црвени кмери“ останаа сами, се најдоа на непознат терен и аздисани почнаа со рекети, уцени, грабежи, корупција, непотизам од размери кои Македонија ги нема видено кај ниедна влада досега.
-Заев и Црвените кмери се денес во жива кал, колку повеќе мрдаат и претаат пропаѓаат се подлабоко. Пред некој ден видов дека во Скопје повторно дошол еден од нивните белградски советници кој ги водеше во време на создавање на кризата и хистеријата но, доцна е. Нивниот криминал е метастазиран. Тешко дека сега може да се применува познатата формула: штом влезеш во скандал или криза нарачај од СЈО апсење, притвори и снимај за народ да се забавува и да не мисли на власта. Мефисто, душа продадена на ѓаволот за да се дојде на власт. Власта ја добија, сега ѓаволот доаѓа по своето, вели Латас.
Според него, ВМРО веќе има комуникација со Алијансата на Села и со Беса и сите се согласни дека Заев и Ахмети го завршиле своето
-Во април ќе имаме вонредни избори, а од јануари предизборна влада во која МВР ќе го има ВМРО, и со тоа Заев останува без неговите полициски местенки и без најмалку 6-7 пратеници. Арачиново и Грчец паѓаат, што за ДУИ значи очај и распад, ќе тргнат во акција за спас во која ќе преземат се што можат за уривање на Заев и препорака за милост кај новата власт, пишува Латас.