Приоритетите и позициите на сите отворени прашања во грчката надворешна политика, но и во односите со САД, Русија, Источниот Медитеран, Блискиот исток ги презентираше шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас за време на расправата во грчкиот Парламент за владината програма во пресрет на гласањето доверба, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за надворешни работи на Грција рече дека ќе се трудат со сите земји да ги продлабочат постоечките односи, ќе водат надворешна политика со чувство на национална одговорност, а Грција има цел да добие активна улога.
– Владата на Мицотакис се стреми да гарантира постигнување национален консензус за главните линии во надворешната политика. Не бара монополизирање на патриотизмот. Ќе се консултира и ќе ја информира опозицијата. Ќе ги почитува и ќе ги слуша критиките. Но, со чувство на национална одговорност, ќе го игнорира секој израз на квази патриотски и етнопопулистички испади, рече Дендиас.
Шефот на грчката дипломатија објасни дека Грција во рамки на ЕУ дополнително ќе ги развие односите со европските партнери.
За кипарското прашање рече дека единствениот начин да се постигне решение е ново започнување на преговорите за кои предуслов е Турција да запре со дупчењата и да ги повлече бродовите од кипарската ексклузивна економска зона.
Основен критериум за Грција во однос на Турција е почитување на меѓународното право кое „не толерира провокации, закани за војна и еднострани барања”
Почитување на меѓународните обврски, Дендиас го спомена говорејќи за Албанија и рече дека земјата не ги исполнила обврските во врска со малцинските права и правата и сопственост за грчкото малцинство.
Шефот на грчката дипломатија, за односите со САД ја спомена неговата неодамнешна посета на Вашингтон и „конструктивните разговори” што ги имал со Мајк Помпео и со Џон Болтон.
– Случувањата во Источниот Медитеран и на Балканот, обновениот интерес на САД за регионот и активната надворешна политика на нашата земја создаваат услови за поблиска соработка со американската страна. Ја подготвуваме втората фаза од Стратешкиот дијалог што ќе се одржи оваа есен во Грција и разговараме за сите прашања што се однесуваат на нашата одбранбена соработка, рече Дендиас.
За односите со Русија рече дека двете земји се поврзани со силни, историски, религиозни и културни врски, а Грција се стреми кон зајакнување на соработката на билатерално и мултилатерално ниво.
Во однос на грчко–кинеската соработка, Дендиас ја спомена инвестицијата од Кина на атинското пристаниште, за Израел рече дека односите имаат стратешки карактер.
Шефот на грчката дипломатија ја спомена и одлуката да го признаат Гуаидо за привремен претседател на Венецуела.