Анкара е подготвена да се одмазди за санкциите што Вашингтон има намера да ѝ ги наметне на Турција поради купувањето на рускиот систем за воздушна одбрана С-400, рече турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во понеделникот, пренесува „Спутник“.
„Ако САД ни наметнат санкции, ние соодветно ќе одговориме. Може да се преземе чекор и во однос на воздухопловната база ‘Инџирлик’. Ова е природна позиција под овие околности, а не закана и уцена”, изјави Чавушоглу за „ТГРТ Хабер“.
Минатата година турскиот вицепремиер Бекир Боздаг ги отфрли извештаите во медиумите за американските планови за повлекување на своите трупи од воздухопловната база „Инџирлик“ во Јужна Турција. Ова се случи откако германските трупи ја напуштија базата затоа што германските законодавци не добија дозвола да го посетат објектот.
Чавушоглу, исто така, посочи дека американскиот претседател Доналд Трамп не сака да наметне санкции против Анкара поради договорот за С-400 со Русија.
Чавушоглу додаде дека системите за воздушна одбрана С-400 ќе влезат во служба на почетокот на 2020 година. Тој, исто така, посочи дека турските партнери во програмата Ф-35 се загрижени поради одлуката на Вашингтон да ја суспендира Анкара. Тој јасно стави до знаење дека Турција ќе ги задоволи своите потреби на друго место ако САД не ја снабдат Анкара со авионите Ф-35.