Зајакнување на билатералните односи во рамки на стратешкиот дијалог Грција-САД, како и регионалните случувања биле темите за кои разговарале шефот на грчката дипломатија и помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, објави грчката новинска агенција АНА-МПА повикувајќи се на дипломатски извори.
За средбата Дендиас-Рикер, грчкото МНР објави фотографија на официјалниот Твитер профил, а самиот шеф на грчката дипломатија ја спомена во говорот во Парламентот, во делот посветен на грчко-американските односи, јави дописничката на МИА од Атина.
– Пред малку во Министерството го примив американскиот заменик министер, господинот Рикер за да се продолжат разговорите започнати со господинот Помпео, рече Дендиас.
– Задоволство ми е што помошникот секретар Филип Рикер е овде во Атина и следи по многу продуктивната посета на Никос Дендиас на САД, за следниот стратешки дијалог и за градење на нашата силна врска меѓу САД и Грција, напиша на Твитер американскиот амбасадор во Атина, Џефри Пајат, објавувајќи фотографија од средбата во грчкото МНР.
Филип Рикер оствари средба и со поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас, а на средбата присуствуваа и поранешните министри Јоргос Катругалос и Никос Папас.
– На средбата беше истакнато значењето што го има одржувањето на улогата на Грција како главен столб на мир, стабилност и развој во Источниот Медитеран и на Балканот и како регионален енергетски центар. Освен тоа, беше потенцирано значењето на високото ниво на стратешкиот дијалог меѓу Грција и САД, формирано во 2018 година со САД, како основа за дополнително зајакнување на билатералната соработка. Алексис Ципрас истакна дека иднината на регионот може да се гради само врз основа на меѓународното право и меѓусебното почитување, соопштуваат од СИРИЗА по средбата на Ципрас со Рикер.
-Средба на претседателот на СИРИЗА со американскиот заменик министер Рикер и амбасадорот Пајат за грчко-американските односи и за меѓународните и регионалните прашања од заеднички интерес, напиша Катругалос на Твитер.
Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер се сретна и со министерот за развој и инвестиции, Адонис Георгиадис.