Висбаден е еден од најстарите термални градови во Европа. За тој град се врзува приказната за коцкањето на Достоевски, но и многу интересни локации кои би требало да ги посети секој оној кој ќе отпатува таму.
Иако многумина погрешно мислат дека Франкфурт е главниот град на покраината Хесен, бидејќи е најголем, тоа е всушност Висбаден. Покрај сите посебности кои ги поседува и поради својот раскош, го нарекуваат и Градот на станбените вили, Предградието на Франкфурт и Убавицата на север.
Познат е по архитектурата и парковите кои поради својата убавина и уреденост го сместуваат Висбаден помеѓу луксузните градови.
Во Висбаден постојат 26 минерални извори кои се познати по лекување на бројни болести како артритис, болести на дишните патишта, но и спа третмани. Од самото основање, во овој град доаѓала аристократијата за да биде видена. Уреден, мирен, дискретен и богат, Висбаден на секој начин привлекувал многу важни личности како Брамс, Вагнер, Гете, Достоевски, царот Вилхелм, кралското семејство Обреновиќ и многу други.
Гете е веројатно најпознатиот посетител на овој град бидејќи Хесенскиот државен театар бил комплекс од највисок ранг и генерално целата култура била на високо ниво. Тоа го привлекло и познатиот руски писател, Фјодор Михајловиќ Достоевски. Писателот бил познат по својата коцкарска страст, а поради тоа бил “редовен” гостин во коцкарницата Курхаус, која воедно била и спа комплекс. Достоевски тука прокоцкал сè, па морал да бара пари на заем, но тој долг го отплатил така што напишал роман за својата голема љубов – “Коцкар”, каде го опишува опасниот порок.
Таблата пред ова казино укажувала на долгот кој го направил Достоевски, но бил отплатен околу 150 години подоцна, кога Роман Абрамович платил околу 240 илјади евра за рускиот писател повеќе да не биде во долгови.
Освен Курхаус, познат е и термалниот извор Кохбрунен каде температурата на водата достигнува 66 Целзиусови степени. Луксузната бања која исто така треба да се посети се нарекува Кајзер-Фридрих, а истата е основана уште во времето на Римјаните.
На брдото Нероберг се наоѓа православна црква со златни куполи, изградена во чест на принцезата Елизабета Михајловна. Таа била сопруга на војводата Адолф од Насау, која починала многу млада при породување. Во истиот период била градена и протестантската црква Марктирхе во неоготски стил, а своевремено била и најголема црква од цигли во целата област.
Висбаден е познат по производство на пенливо вино. Виноградите се наоѓаат насекаде околу и прекриваат голем дел од оваа област. Тука можете да пробате вино, но и да присуствувате на процесот во неговото правење.