Со заменикот министер за внатрешни работи на Грција, надлежен за Македонија и Тракија, Теодорос Караоглу, со митрополитит Антимос и со новиот солунски градоначалник Константинос Зервас, оствари средби помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, јави дописничката на МИА од Атина.
Рикер беше придружуван од Генералниот конзул на САД во Солун, Грегори Флегер, кој за средбата со заменикот министер надлежен за Македонија и Тракија на Твитер напиша дека разговарале за „развојните перспективи на северна Грција и блиска соработка со амбасадата на САД во Атина и конзулатот на САД во Солун”.
Во однос на средбата на Рикер со новиот солунски градоначалник, Флегер напиша дека тој и помошникот државен секретар на САД му посакале успех на Зервас на неговата нова позиција и дека очекуваат да продолжи нивното „силно партнерство со градот што ја обновува централна улога во срцето на Балканот”.
Заедничката посветеност за верската слобода била изразена на средбата на Филип Рикер со солунскиот митрополит Антимос.
Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, во Солун замина по средбите во Атина, а во продолжение ќе пристигне во Скопје во рамките на посетата на Грција и Северна Македонија.