ЗНМ за случајот со новинарот Златев: Уставот го гарантира правото за заштита на изворот

Здружението на новинари соопшти дека со интерес го следи случајот со новинарот Љупчо Златев, кој денеска беше повикан во просториите на СВР Скопје на претходна покана од МВР, каде во присуство на адвокат имал разговор со службени лица од  Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР.

ЗНМ порача дека стои на располагање за бесплатна правна помош за новинарот Златев доколку истата е неопходна.

Според разговорот со Златев, ЗНМ соопшти дека предмет на разговорот биле неговите претходни објави на онлајн медиумот каде што тој е уредник, а поврзани со сомнежите за сторени кривични дела од страна на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.

„На разговорот во МВР, од Златев било барано да потврди дали тој е автор на овие објави, како и да го открие изворот на објавените информации и снимки. Тој потврдил дека е автор, но одбил да даде информација за својот извор“, стои во соопштението на ЗНМ.

ЗНМ потсетува дека Уставот на РСМ во членот 16 го гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање и ова право е загарантирано во Законот за медиуми, како и во Европската повелба за заштита на човековите права. Истовремено, ретки се примерите во европските земји каде што за објавен текст кој индицира злоупотреби во системот се повикуваат новинари да го кажат својот извор. Ваквата практика може да се толкува како притисок кон новинарите со што може да придонесе кон цензура.

Треба да знаете
Последни објави