Билатералната одбранбена соработка помеѓу Република Северна Македонија и Австрија е на исклучително високо ниво, заклучија на денешната средба во Министерството, заменикот – министер Беким Максути и директорот за одбранбена политика во австриското Министерство за одбрана, генерал – мајор Јохан Франк.
Заменикот – министер Максути во контекст на членството во НАТО, истакна дека процесот на ратификација на пристапниот протокол тече со исклучително брзо темпо и изрази надеж дека и Европската Унија ќе донесе позитивна одлука за почеток на пристапни преговори со нашата земја, особено имајќи го предвид прогресот кој беше направен во изминатиот период.
„Австрија е една од најважните земји за нас и ви благодарам за сета поддршка во процесот на реформи и развој, особено во областа на одбраната”, истакна заменикот – министер за средбата. Додаде дека одбранбените реформи се движат со одлично темпо и дека тоа е резултат и на поддршката од партнерските и пријателски земји, како Австрија.
Генералот Франк ја повтори австриската поддршка за почеток на пристапните преговори на нашата земја со Европската Унија, и изрази честитки за досегашните успеси, истакнувајќи дека со потпишувањето на Преспанскиот договор земјата покажа силно лидерство . Тој изрази надеж дека членките на Унијата ќе дојдат до консензус за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија.
Делегацијата предводена од генералот Франк престојува во нашата земја, во рамките на годишните билатерални консултации за одбранбена политика. Планот за билатерална соработка во областа на одбраната за 2019 година опфаќа вкупно 22 активности, со фокус на соработката на воените академии и специјалните сили.