Еднаш џоломар, засекогаш џоломар. Џоломарскиот обичај кај нас се негува најмалку 500 години. Џоломар беше дедо ми, јас сум исто така, мојата џоломарска облека ќе ја наследи мојот син и сè така, древната традиција продолжува. Иако никој од нас не знае точно кога и зошто настанал обичајот, кој сè повеќе привлекува туристи во нашето село, Бегниште полека но сигурно станува дел од местата кои задолжително треба да се посетат за Василица.
Вака вели бегништанец додека деновиве се подготвува за паганското оро кое стана заштитен знак за местото близу Тиквешкото Езеро.
Со страшни маски и клопотарци врзани околу половините, правејќи врева, џоломарите од тиквешките села Ресава и Бегниште, низ ритуали со драмски и комични елементи со магиски дејства, бркаат лоши духови. Така е со векови, секоја Василица.
– Во џоломарската дружина се главно петнаесетина мажи со наметки и ќулафки, панталони шајачки, гумени опинци, волнени чорапи, со кожени ремени околу половината со 10-15 клопотарци и ѕвонци тешки над 15 килограми, мустаќи и брада од волна, вештачки грпки. Лицата им се исцрнети и маскирани со саѓи од фурните. Со себе носат различни реквизити. Наместо бастун, бабата носи фурка за предење предиво. Некои од џоломарите носат патерици, рачки од рало. Реквизити кои означуваат стремеж за зголемување на плодноста и благослов за бериќет и општа благосостојба во новата година. Жени не учествуваат во играта, раскажува за МИА, Орданчо Лазаров, претседател на џоломарската група од Бегниште.
Целата своевидна драма под отворено небо започнува вечерта на 13 јануари кога сретсело се палат огнови на кои се собира и старо и младо.
– Утредента се облекуваат маските. Меѓу џоломарите ќе забележите две невести и баба. Невестите во бело ја симболизираат новата, а бабата, старата година. Се прави обредна игра со врева со која се бркаат сите сеништа. Има и времени полови симулации врз невеста. Тука е и симболичното ударање со стапови по задникот на случаен избраник кое треба да му донесе среќа, а тој дава по некоја пара за благослов. Потоа џоламарите со накитено магаре коледуваат од куќа во куќа и добиваат различни подароци во храна, која подоцна се јаде на заедничка гозба, појаснува Лазаров.
Тој нагласува дека традицијата која трае најмалку 500 години сè повеќе привлекува туристи и го става овој крај на туристичката мапа, како реткост што мора да се посети. Лазаров открива дека во тек е изработка и на документарен филм за џоломарството во Бегниште.
Мистичните џоломари беа инспирација и за стиховите од песната „Џоломар”, напишани од познатиот кавадаречки хуморист Илија Неделков-Ограјски.
„Господа и дами со и без чалами и галами, нека знае Интерпол и Ција, оти никогаш нема да се откажеме од оваа традиција. Сè на светот да се фироса и сокине, џоломарското име нема да загине”.