Ракометните репрезентации на Словенија и на Холандија добија специјални покани за настап (вајлд карта) на Светското првенство што во јануари идната година ќе се одржи во Полска и во Шведска, одлучи Светската ракометна федерација (ИХФ).
Словенија и Холандија не успеаја да се пласираат на ракометниот Мундијал преку баражите губејќи од Србија и Португалија. Словенечките ракометари загубија на двата натпревари против Србија (31:34,20:23), додека Португалија беше поуспешна од Холанѓаните (33:30,28:35).
-По длабока анализа, Советот на ИХФ реши да им ги додели вајлд-картите на репрезентациите на Холандија и на Словенија. Холандија е една од репрезентациите со најголем напредок во последните години, потврдено со освоеното десетто место на ЕП 2022. Оваа селекција ќе учествува на своето прво СП уште од 1961 година, кога го освои 11. место. Втората вајлд-карта заминува во Словенија, за која ова ќе биде десетто учество на светските шампионати – соопшти ИХФ.
Ждрепката за одредувањето на групите ќе се одржи на 2 јули, Словенија и Холандија ќе бидат во последниот барабан, додека Македонија се наоѓа во вториот барабан.