Аџиите за Саудиска Арабија да ги запазат процедурите за заштита од заразни болести

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) во врска со претстојните патувања на граѓани од исламска вероисповед на аџилак во Саудиска Арабија ја информира јавноста за условите и начинот под кои може да се организираат овие патувања, согласно Законот за заштита на населението од заразните болести и меѓународните здравствени правила.

Според добиените податоци од ИВЗ, годинава од земјава за Саудиска Арабија на аџилак ќе патуваат околу 850 лица по воздушен пат преку Меѓународниот аеродром Скопје, и тоа на 30 и 31 јули годинава.

Лицата кои патуваат на аџилак (масовни собири), во земји ризични на одредени заразни заболувања, можат да патуваат само организирано во групи не помали од 40 лица.

Организаторот на патувањето е должен:

– во придружба на секоја група да обезбеди најмалку по еден лекар (да достави лиценца за лекарот до ДСЗИ) со соодветна медицинска опрема и лекови,

– десет дена пред почетокот на патувањето да достави список на патници до ДСЗИ со податоци за година на раѓање, место и адреса на живеење, број на патна исправа, број на лична карта

– да достави извештај за патувањето до ДСЗИ при МЗ со податоци за организаторот, денот на поаѓање и враќање, како и назначени гранични премини и земји низ кои ќе патуваат до Саудиска Арабија.

3. Лицата кои патуваат на аџилак должни се да имаат обезбедено меѓународно вакцинално уверение (жолта книшка) со доказ за извршена имунизација против менингоков менингит, во надлежен Центар за јавно здравје (по место на живеење) 10 дена пред заминувањето.

4. Лицата при нивното враќање од аџилак, на самиот граничен премин, при влез во државата од страна на ДСЗИ со решение ќе бидат задолжени да се јават на здравствен надзор во надлежен Центар за јавно здравје.

Наведените мерки треба да ги испочитуваат организаторите на патувањата и самите патници, а за непочитување на која било од нив, од страна на ДСЗИ ќе бидат поведени соодветни инспекциски постапки.

Од ДСЗИ информираат дека во Република Северна Македонија единствени точки за влез и излез се Меѓународниот аеродром Скопје за патувања на масовни собири по воздушен пат и граничен премин Деве Баир, за патувања по сувоземен пат.

На оние верници кои ќе патуваат со авион пред заминувањето на аџилак од страна на инспекторите на ДСЗИ на секој патник ќе му биде проверено МВУ (жолта книшка) заради проверка на вакцинацијата против менингококен менингит, како и проверка на документацијата на организаторите за обезбедена придружба на групите од доктор.

Доколку за патувања по сувоземен пат ДСЗИ не биде информиран во законски предвидениот рок, нема обврска за обезбедување на дежурна екипа на граничен премин Деве Баир.

Треба да знаете
Последни објави