Ретген му порача на Џонсон: Силеџиството нема да го растури европското единство

Силеџиското однесување на новиот британски премиер Борис Џонсон нема да ја принуди Европската унија да ги компромитира своите принципи, предупреди Норберт Ретген, германски пратеник и сојузник на канцеларката Ангела Меркел.

Британскиот премиер Борис Џонсон вчера му постави ултиматум на Брисел за повторно да преговара за Брегзит или да се соочи со можноста Британија да ја напушти Европската унија без договор. Тој изрази надеж дека лидерите на ЕУ „ќе го преиспитаат нивното сегашно одбивање” за повторно преговарање за договорот за повлекување на Велика Британија од ЕУ.

– Ако не го сторат тоа, ќе мораме да заминеме без договор, рече Џонсон, додавајќи дека побарал од своите нови министри „главен приоритет” да им биде подготовка за Брегзит без договор.

Џонсон инсистира на тоа дека Велика Британија мора да си замине од ЕУ до 31 октомври, со или без договор.

– Драг Борис Џонсон: Ниту фалбаџиски говори ниту насилничко однесување нема да успеат да не уверат да се откажеме од нашите принципи и единство, напиша на Твитер Ретген, кој претседава со комисијата за надворешна политика во Бундестагот.

– Ние, наместо тоа, ќе останеме рамнодушни. Џонсон, за жал, со своите зборови и дела, именувајќи Влада полна со заговорници на Брегзит, не ја доближи својата земја до остатокот од континентот, пишува Ретген.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер му порача на Џонсон дека договорот за „развод” кој го договори неговата претходничка Тереза Меј во ноември е најдобар и единствен можен договор со ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави