Со голем број на настани и манифестации, вчеравечер беше одбележана 56-годишнината од катастрофалниот земјотрес што со својата уривачка сила во 1963 година го претвори Скопје во урнатина и голем број граѓани ги остави без своите домови.
Централната манифестација се одржа во Градскиот парк во Скопје, а пред присутните се обрати градоначалникот Шилегов.
– Секоја година 26 јули не потсетува на солидарноста на скопјани и на солидарноста на светот кон Скопје. За само неколку часа по катастрофата, почна големата акција во која што сите светски сили ја дадоа својата помош, а целиот свет се солидаризираше и мобилизираше да му помогне на Скопје и неговите граѓани. Покажаната хуманост беше толку голема што ги надмина предрасудите и политичките убедувања, така што, Скопје стана место на прва средба на воените единици на Советскиот Сојуз и на САД во екот на Студената војна, рече Шилегов.
Заслугите на домашната и меѓународната помош, додаде тој, стануваат видливи штом ќе се спомене дека како израз на сочувство и на поддршка на граѓаните, уште на самиот ден на земјотресот и во следните денови во Скопје, допатувале највисоките сојузни раководители, а на 27 јули, ден по катастрофата, допатувал и претседателот на СФРЈ Јосип Броз-Тито.
-Тој соочен со трагедијата на градот и на неговите жители, рекол: „Скопје доживеа невидена катастрофа. Но, Скопје повторно ќе го изградиме со помошта на целата наша заедница. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност”, рече Шилегов.
Во рамки на програмата на Школка во Градски парк, пред присутните настапија Градскиот мешан хор „Вардар”,а потоа настапија Биг Бендот под водство на Љупчо Мирковски, поп ѕвездата Канита Сума, познатиот грчки хармоникаш Танос Ставридис, српската пејачка на изворни песни Биља Крстиќ и Влатко Стефановски.
Претходно, одбележувањето на годишнината од катастрофалниот земјотрес започна со положување цвеќиња на Споменикот на жртвите од земјотресот на градските гробишта во Бутел, каде цвеќе положија делегации составени од претставници од политичките партии, делегации од сите општини во градот Скопје, претставници од Црвен крст на град Скопје и на СРМ, претставници од Јавните претпријатија и Јавни културни установи на Град Скопје, претставници од институции во нашава земја, граѓани на Републикава, како и делегации од странство во нашава земја.
Младинскиот културен центар во рамки на програмата за одбележување на 26 јули го спроведе настанот „МКЦ за Скопје” со целодневна програма, каде покрај двете работилници за деца за креативно пишување, илустрација и цртање, беше организирана проекција на најновото остварување на Раде Шербеџија „Ослободување на Скопје”.
Традиционално во Дом на хуманитарни организации „Даре Џамбаз” се одржа крводарителска акција.