Полицијата во Хонгконг употреби солзавец на забранетиот протест, на кој се појавија неколку илјади луѓе. Демонстрантите маршираа во северниот дел на дистриктот Јуен Лонг, наспроти забраната на полицијата да се одржи протестот.
Според наводите на полицијата, некои демонстранти држеле железни столбови и штитови, а други ја отстранувале оградата од патот. Поради тоа полицијата употребила солзавец.
Протестот е организиран поради минатонеделниот напад на метро станицата во Јуен Лонг, кога група од стотина мажи нападнаа луѓе. Во нападот беа повредени 55 луѓе, а како главен виновник се споменуваа членови на локална криминална група Тријада.
Полицијта го забрани денешниот протест поради ризик дека би можело да дојде до судири меѓу демонстрантите и локалното население.