– Кира Јармиџ, портпаролка на рускиот опозициски лидер, денеска соопшти дека Алексеј Навални е примен во болница по тешкиот напад на алергија што го имал во притвор, пренесоа американските медиуми.
Таа кажа дека Навални никогаш порано немал алергија.
Навални, според неа, утринава од притворската единица во Москва бил префрлен во локална болница.
Портпаролката наведе дека Навални во болница бил примен со отечено лице и црвенило по кожата.
Американските медиуми наведуваат дека Навални ги поттикна на протест антивладините демонстранти кои во текот на целиот вчерашен ден протестираа против исклучувањето на независните кандидати од гласачкото ливче за изборите за Градскиот совет на Москва, закажани за 8 септември .
Руската организација „ОВД-инфо”, која од 2011 година ги следи полициските апсења во земјата, објави дека на вчерашниот протест биле уапсени 1.400 лица, што претставува најголем број апсења од еден настан регистриран во оваа деценија.