Откако најтрофејниот македонски фудбалски колектив Вардар не обезбеди експресно враќање во прволигашкото друштво одлучи да го ремонтира целосно тимот за да направи конкурентен состав кој во второлигашката конкуренција ќе избори враќање во елитата. По Симеон Христов, „црвено-црните“ денеска соопштија дека и Јован Попзлатанов (25 г.) се враќа во Вардар.
Досегашниот играч на Македонија ЃП се одлучи да се врати во редовите на „црвено-црните“, каде што играше од 2018 до 2021 година, и освои титула со најтрофејниот македонски клуб. Потоа замина во РФС Рига, но повторно се врати во македонскиот шампионат и тоа во дресот на Македонија ЃП со која сезонава го освои Купот.