„Еко-свест“: Зелениот акциски план за Скопје се работи зад затворени врати

Зелениот акциски план за градот Скопје кој во моментов е во фаза на изработка се работи зад затворени врати. Граѓанските организации активни во секторот животна средина, иако официјално побараа, не беа поканети на ниту една од работилниците, велат од здружението „Еко-свест“. Од таму истакнуваат дека носење на план од значење за квалитетот на живот на жителите на главниот град на нетранспарентен начин може повторно да значи погрешно потрошени пари без никакво подобрување.

„Оваа година градот Скопје стана еден од 29 градови во светот кои добиваат поддршка од Европската банка за обнова и развој да изработат Зелен акциски план (Green City Action Plan) со цел да започнат со решавање на најитните еколошки проблеми. Овие зелени акциски планови би требало да се носат на транспарентен начин со учество на граѓанските организации и граѓаните уште од фазата на идентификација на проблемите, меѓутоа сите презентации и работилници кои досега се одржаа како дел од овој процес во Скопје беа само со покани, а граѓанските организации и граѓаните не беа поканети“, велат од „Еко-свест“.

Од Здружението велат дека во април испратиле барање за учество во процесот заедно со список на граѓански организации кои би можеле да придонесат во лоцирање на проблемите и изработката на зелениот акциски план, но никој не бил поканет на презентациите и работилниците.

„Изработка на акциски план кој би требало да даде насока за справување со најгорливите еколошки проблеми на градот во наредните 15-20 години, без да ги прашате жителите врз кои истиот ќе има најмногу влијание и има моќ да им го промени животот на подобро или полошо е апсурдно и се коси со сите начела на едно современо демократско општество“, вели Давор Пехчевски од Еко-свест.

Треба да знаете
Последни објави