Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумитеcденеска изрази загриженост заради нападите врз новинари и опструкцијата на медиумските активности во текот на демонстраците од саботата во Москва.
Во соопштението на ОБСЕ се наведува дека во повеќе извештаи од медиумски работници, вработени во Новаја Газета, РБК, АП, Медуза, Комсомолскаја Правда, Дојче Веле, Медијазона, Викињуз и други, се пренесува дека полицијата ги напаѓала, привела или им ја оштетила опремата додека известувале од протестот во Москва.
Дезир истакна и дека главната и одговорна уредничка на телевизијата Дожд, Александра Перепелова, е повикана и испрашувана пред истражен одбор во врска со известувањето од протестот.
-Жал ми е заради сите овие инциденти во кои медиумските работници биле грубо третирани или биле попречувани во работата од органите за спроведување на законот. Медиумите имаат важна улога на набљудувачи, а на новинарите треба да им се гарантира непречен пристап до јавните настани, како и безбедни услови за работа во секое време, вклучувајќи и покривање на протести, наведе Дезир.