Довчерашниот прв играч во „белиот спорт“ Србионот Новак Ѓоковиќ ќе биде принуден да пропушти и втор од четирите сезонски тениски гренслем-турнир, поради вакцината против коронавирусот која е задолжителна за влез САД. Ако во претстојните два месеци не се сменат работите со американската политика за влез во државата, Ѓоковиќ ќе остане без настап и на САД опен.
Србинот во САД се води како „невакциниран странец“ и нема да му биде дозволен влез во државата. Освен со евентуална промена на актуелните правила, тоа може да се смени со специјално изземање, но американскиот организатор засега нема намера да бара такво нешто за Ѓоковиќ.
-Мора да ги следиме регулативите на Владата и здравствените органи, изјави Ли Шер, извршниот директор на Американската тениска федерација.
Ѓоковиќ годинава, од истата причина, веќе ги пропушти мастерс-турнирите во Мајами и Индијан Велс, а не можеше да ја брани ниту титулата во Мелбурн, каде што заглави во екстрадикциски притвор откако првочно властите му дозволија да влезе во Австралија.