Во изминативе неколку години, во многу прилики и од различни извори, можеше да се прочита дека ерата на луѓе со чипови, од различни причини и за различни намени, не е толку далеку. Сега, дојде времето од теорија, ваквата ситуација да се пресели во пракса.
Околу 4.000 луѓе во Шведска, откако земјата со закон го регулираше чипувањето, ја искористиле можноста да вметнат био-чип меѓу палецот и показалецот на една од нивните дланки.
https://www.instagram.com/p/Bl6HI5zgL0U/?utm_source=ig_web_copy_link
Таквиот чип им овозможува на своите носители да плаќаат за билети за превоз со скенирање на тој предел од раката, да отвораат врати со електронска заштита и сл.
Но голем дел, сепак, се согласиле да вградат ваков чип од медицински причини, пишува „Брајтсајд“. Така, чипот може да се програмира за да ги потсети пациентите за терминот кога треба да го земат лекот, но и за тоа која е вистинската кутија за лекови за да не ги измешаат.
Се разбира, сите шишиња или кутии мора да бидат обележани со специјални сензори, што ќе му овозможи на чипот да му помогне на пациентот да го детектира соодветниот лек.
Чипот вграден во раката има можност да функционра и како електронски паричник, така што може да се искористи да се плати со допир наместо платежна картичка, но и како сензор за препознавање во различни ситуации: за влез во објект, овластување за пристап до информации и сл.
Многумина сметаат дека времето во кое луѓето ќе ја интегрираат технологијата како дел од својот организам е неизбежно, а има и такви кои тврдат дека таа ера и не е така далеку.
Сопственикот на „Тесла“, Илон Маск, смета дека без ваква интеграција, луѓето нема да можат да останат во чекор со технолошкиот развој и дека едноставно ќе станат инфериорни во однос на компјутерите. Тој вели дека во иднина, чиповите ќе претставуваат надградба на човечкото тело и ќе овозможуваат многу подобра искористеност на мозокот и ителектуалните капацитети.
Противниците на оваа теорија, пак, велат дека со вградувањето на чипови луѓето ќе се направат уште повеќе подложни на контрола.