И покрај сите ветувања и уверувања на премиерот Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, оваа година повторно гледаме катастрофална реализација на капиталните инвестиции. Според објавените податоци од Министерството за финансии, за шест месеци се потрошени само 20% од планираниот буџет за капитални инвестиции – сектор кој е од пресудно значење за економскиот раст на Македонија. Ниското ниво на капитални инвестиции значат помал квалитет на јавните услуги за граѓаните, како патишта, енергетика, училишта и слично, а истовремено го ставаат под знак прашање ветениот пораст во година која е прогласена за „најекономска“.
И покрај очајните факти, од владата се вечни оптимисти: вицепремиерот за економски прашања Анѓушев ја негира точноста на информациите и тврди дека второто полугодие ќе го избави првото – реплика која беше употребена пред една година, кога се покажа слично ниско ниво на капитални инвестиции. Тој напоменува дека очекуваат на крајот на годината капиталните инвестиции да бидат барем во просекот од последните 10-15 години. Мора да се напомене дека ланската година беа потрошени само 65.5% од планираното со ребалансот на буџетот, односно помалку од половина од првично планираниот буџет. За споредба, во jули 2018-та Анѓушев ветуваше реализација на 90% од капиталните инвестиции.
Ужасната реализација на капиталните инвестиции беше и една од главните причини за реконструкцијата и кадровските смени, а мала е шансата ситуацијата од тогаш да се подобрила. Минатата година со ребалансот на буџетот беа скратени 100 милиони евра од капиталните проекти поради лошата реализација. Нов ребаланс ќе следи во oктомври.