Тениската асоцијација на САД објави дека руски и белоруски тенисери ќе може да учествуваат на последниот гренд-слем турнир во сезоната, Отвореното првенство на САД. Ова значи дека актуелниот освојувач на победничкиот пехар Русинот Данил Медведев ќе има прилика да ја брани титулата на САД-опен. Руските и белоруските претставници ќе се натпреваруваат како самостојни учесници.
Ова се добри вести за новиот светски рекет број 1, на кој пак поради војната меѓу Русија и Украина, не му е дозволено да се појави на Вимблдон, како и на останатите руски тенисери и тенисерки.
Отвореното првенство на САД е предвидено да се одржи од 29 август до 11 септември.