Пратеникот Илија Димовски денеска се очекува да се сретне со директорот на државниот завод за статистика, Апостол Симовски и да ги пренесе забелешките на опозициската партија за Законот за попис. Димовски вели дека станува збор за сериозни и клучни забелешки за да пописот може да се реализира на ниво на стандардите на ЕУ и Еуростат.
Неговата партија бара власта да не брза со пописот на населението и домаќинствата со непрецизиран закон идната година, за да не се случи лошиот пример кога оваа операција беше прекината во 2011 година.
Опозициската партија вчера на комисиската расправа во Собранието побара да се повлече предлог-законот за попис затоа што, како што истакна пратеникот Влатко Ѓорчев е штетен и неевропски и не ги исполнува критериумите на ЕУ и Еуростат.
-Основно, ВМРО-ДПМНЕ нема доверба во директорот на Државниот завод за статистика со сета негова стручност, сам да ја раководи операцијата и ќе бара тоа да биде под палка на колективно тело од академици и професори од областа, а кое би го изгласало Собранието, рече Димовски.
-Во меѓупартиските преговори ќе бараме во законот да се стави кој за кого може да даде податоци. Да се дефинира до кое колено може некој да попише времено отсутен член од семејството. Никако не смее да се даде можност секој за секого да може да дава податоци и тоа да се смета за релевантен податок и резултат од попис, изјави Димовски.
Тој рече дека мора да има и некомпјутерско попишување, најмногу за постарата популација. Стар човек ќе се збуни, нема да може да види и да гарантира дека внесените податоци за него во компјутер, се точни, посочи пример Димовски.
За ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо граѓаните што електронски ќе се попишат, да не се запишуваат како резидентно население (население кое постојано си живее во РС Македонија). Но, да се каже во законот што се резидентни граѓани, а не тоа да е некој што живее подолго од една година во РС Македонија, а нема државјанство.
ВМРО-ДПМНЕ забележува и што во Предлог-законот за попис ги нема базите на податоци од претходните пописи, за споредба.
Премиерот Зоран Заев на вчерашната прес-конференција во Владата рече дека пописот не може да се одложи.