Нуредини: Заедно можеме да постигнеме многу за управување со заедничките ресурси на животната средина

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини вчера попладне присуствуваше на промотивниот настан по повод регистрирањето на албанскиот дел од Охридското Езеро како природно и културно светското наследство на УНЕСКО, што се одржа во албанскиот град Поградец.

– Mногу сум среќен што во 1979 год, УНЕСКО ја призна важноста на Охридското Езеро, и оттогаш ни помага да го заштитиме, а она што ме прави особено задоволен е што сега, во 2019 година, ја споделуваме оваа чест со нашите соседи во Албанија. Само со заедничко работење, можеме да обезбедиме оваа посебна област да ја добие заштитата и вниманието што го заслужува, истакна министерот Нуредини.

Како што соопшти денеска Министерството за животна средина и просторно планирање, Нуредини истакнал дека е убеден оти Северна Македонија и Албанија со заедничко работење може да постигнат многу на вакви проекти за управување со заедничките ресурси во животната средина. Нуредини нагласил дека со таа соработка двете земји стануваат поблиски и како соседи можат да ги согледаат сличностите и величината на придобивките од работењето во партнерство.

При тоа Нуредини ја искористи можноста јавно да им се заблагодари на сите донатори кои помогнаа во заштитата на ова заедничко природно богатство меѓу кои ги спомена Европската унија, Глобалниот фонд за животна средина, Програмата за животна средина на ОН, КВФ Банката, Германскиот фонд за техничка соработка, Фондот за природа на Охрид и Преспа и Меѓународната унија за зачувување на природата, како и сите други донатори присутни во овој регион, се наведува во соопштението.

Настанот бил организиран од министерствата за туризам и животна средина и за култура на Албанија.

Треба да знаете
Последни објави