Премиерот Зоран Заев денеска во Куманово изјави дека ако опозицијата сака предвремени избори, тие можат да бидат одржани во октомври 2020 година. Премиерот посочи дека е охрабрен од вчерашните преговори на работните групи за Законот за јавно обвинителство.
„Паралелните пораки кои стигаат од страна од високото раководство на ВМРО-ДПМНЕ дека џабе е што работат работните групи кога на крајот нема да има гласање ако нема предвремени избори, нас нема да нè обесхрабри да продолжиме да работиме да ги приближиме ставовите преку работните групи“, изјави премиерот.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека терминот што го понудил Заев се чини како разумна основа за разговори со власта.
„Под притисок на скандалите што ја тресат власта на Зоран Заев тие го прифаќаат она што го бара опозицијата, а тоа е предвремени парламентарни избори. Во однос на терминот што го посочува Заев како октомври догодина, се чини дека е разумна основа, добра основа за разговор со власта на таа тема“, рече Стоилковски.
На новинарско прашање дали договорот за избори е врзан со договор за законот, односно дали се условени едното со другото, Стоилковски кусо изјави дека тоа што се посочувало досега, а и сега, е дека лидерска средба е невозможна без темата предвремени парламентарни избори да бидат дел или точка на тие разговори.